Мачор за кој се зборува дека има моќ за предвидување имаше совршен старт на Светското фудбалско првенство во Русија, откако успешно го предвиде победникот на првиот натпревар.
Ахил, чија дневна работа е да фаќа глувци во музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, погоди дека домашната репрезентација ќе ја победи Саудиска Арабија на отворањето на Мундијалот во Русија.
Тој доби ваква репутација минатото лето, кога успешно предвиде исходи на голем број натпревари на Купот на конфедерациите во Русија, натпреварување кое важи за најава на светско првенство.
Во присуство на медиуми, на Ахил, кој е глув, му беа понудени две чинии со храна со знамињата на двете држави и откако во прв момент се двоумеше, тој избра да јаде од онаа со руското знаме.
„Тој ја сака својата татковина и не ни можеше да избере поинаку“, изјави ветеринарката од „Ермитаж“ Ана Кондратјева.
Ахил потоа беше облечен во дрес на руската репрезентација, која со 5:0 ја растури Саудиска Арабија пред очите на Владимир Путин.