СОБРАНИЕТО ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА СО 69 ГЛАСА „ЗА“

    СОБРАНИЕТО ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА СО 69 ГЛАСА „ЗА“Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпишува Законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името со Грција. (Фото: СДК.МК)

    Пратениците со 69 гласа „за“ го ратификуваа договорот со Грција. На пленарната седница не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

    Премиерот Зоран Заев побара од пратениците да гласаат за договорот со Грција за да му се даде шанса на решението, за кое ќе решат граѓаните на референдум. Непосредно пред гласањето, Заев од говорницата соопшти дека точката за давање покана за членство на Македонија во НАТО била ставена на дневниот ред на самитот на Алијансата што ќе се одржи во јули.

    „Пред три дена во Преспа потпишавме договор за крај на спорот кој донесе сериозни последици. Достоинствено и прифатливо решение за двете страни. Имаме договор со јасни обележја на македонското, на македонскиот јазик така како што ги разбираме ние, Македонците од македонската држава. Јазикот е нашата татковина, рече еднаш академик Блаже Коневски. Потписите на договорот го заштитија македонскиот идентитет за век и веков. Обезбедивме безбедна и сигурна иднина“, рече премиерот Зоран Заев на седницата на која се ратификуваше договорот со Грција.

    Според Заев, со договорот никому ништо не сме подариле, договорот бил склучен по голема посветеност да се најде решение за речиси 30-годишниот проблем и произлегол од интересите на двете земји.

    „Овој договор нè извлекува од минатото и нè носи во иднината. Овој ден ја прави огромна извесноста дека од Европскиот совет ќе добиеме датум за почеток на преговорите. Поканата за НАТО станува реалност. Ајде да бидеме сите заедно под знамето на нашата држава кога ќе се крене во Брисел наредниот месец“, кажа Заев.

    Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името.

    Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и посредникот на ОН Метју Нимиц.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира