Глобалниот Самит на уредници во Лисабон е главно собир на големите издавачи и доминантни сопственици на медиумскиот пазар и тоа е главната фалинка на овој најголем собир во светската медиумска индустрија.
Тоа не е изненадување.
Малите, независни издавачи немаат пари, а ни време да се вклучат во конференциските расправи.
И тоа преставува голем проблем. Големите играчи го диктираат темпото, а тоа не секогаш му одговара на независното новинарство и на општеството.
Во Лисабон беа забележани два тренда кои го одредуваат правецот на новинарството – социјалните мрежи кои генерираат „значителна“ содржина на вести и новинарството сфатено во класична смисла на зборот.
Социјалните медиуми го изедоа вистинското новинарство. Издавачите дури сега се будат и ја прифаќаат реалноста дека мора да фатат динамика со социјалните мрежи.
Емили Бел од Универзитетот Колумбија и колумнист во „Гардијан“ вели дека допрва треба да се очекува „одмазда на новинарите“ кон штетата што ја направи Фејсбук со влијанието за изборот на Доналд Трамп и исходот од референдумот за Брегзит.
Веќе се покренаа големи приказни што го мобилизираа јавното мислење против Фејсбук. Па сега компанијата се соочува со сериозен регулаторен притисок. Или, како што опиша Бел „нивните бизнис мотиви сега се менуваат во граѓански императив“.
Еден од тие проекти е проектот „Фејсбук новинарство“. Тој предвидува алгоритамот на мрежата да осигура дека корисниците се претставени со повеќе “значајни” содржини.