Тројца комунални редари се задолжени да се грижат за хигиената на Куманово, град со над 100 илјади жители. Секоја секоја слободна површина во градот е претворена во дива депонија, а речните корита се затрупани со смет и шут. Градоначалникот Максим Димитриевски признава дека инспекторите и физички не можат да го покријат теренот за кој се задолжени, иако во предизборната кампања најавуваше дека Куманово ќе го направи чист град.
„Во моментот имаме само тројца комунални редари во состав на комуналните инспекциски служби. Тие интензивно работат, но за жал многу е тешко да се лоцираат луѓето што фрлаат отпад или градежен шут, бидејќи комуналните редари не можат да постигнат да ги покријат сите места. Ниту Општината, ни МВР не можат физички да го покријат комплетно просторот на нашата општина“, изјави Димитриевски.
За нормално функционирање на инспекциските служби потребни се најмалку 15 комунални редари, но Општината нема пари за нови вработувања, па градоначалникот најави реорганизација од постоечките вработени.
„На нас како Општина ни се потребни 15 комунални редари ако сакаме да постигнеме сериозен ефект. Ама за жал, реалноста е таква што за 15 нови вработувања се потребни финасиски средства. Општината во овој момент нема таква можност. Но како што најавив на почетокот на годината ќе има реорганизација на општинските служби и одредени службеници ќе бидат префрлени од еден во друг сектор“, – изјави Димитриевски.
Како член на ЗЕЛС и претседател на Североисточниот Плански Регион, Димитриевски барал формирање на комунална полиција во општините, заради воведување ред во заштитата на животната средина. Општина Куманово во соработка со невладините организации и јавните претпријатија започна акција за чистење на речните корита во градот.
Денеска се чистеше коритото на реката Којнарка во населбата Средорек, каде со багер се отстрануваа зараснатите дрвја и натрупаниот смет. Во наредниот период ќе продолжи и на други локации. Димитриевски најави казни за оние кои ќе бидат фатени дека повторно фрлаат смет на исчистените површини.
С. НИКОЛИЌ