Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг очекува на Самитот на НАТО во јули да биде донесена одлука за официјално започнување на преговорите за полноправно членство на Македонија во НАТО. Столтенберг, кој денеска зборуваше пред Самитот на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ во Луксембург, вели дека приемот на Македонија зависи од референдумот за името.
„Очекувам шефовите на држави и влади да се договорат за пристапни преговори, потоа ќе можеме да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка доколку договорот се финализира. Финализирање значи целосна ратификација, референдум и позитивно гласање, ако тоа се случи оптимист сум“, рече Столтенберг, додавајќи дека ако референдумот биде неуспешен, не верува дека Македонија ќе може да биде примена во НАТО.
Оттаму, тој ги повика граѓаните да го поддржат договорот за името со Грција на референдумот.
„Ако ПЈРМ го имплементира и финализира договорот со позитивно гласање тогаш НАТО ќе ја покани земјата да стане полноправно членка. Ова е историски договор кој пружа историска прилика на ПЈРМ да стане членка, и ги повикувам луѓето во земјата да ја зграпчат оваа прилика и да го поддржат договорот. Ако не се поддржи договорот не гледам како е можно да се покани земјата. Ова е единствена прилика и треба да се зграпчи“, рече Столтенберг.