Бранителот на титулата Германија го доживеа својот најголем дебакл на мундијалската сцена досега, откако сензационално загуби од Јужна Кореја со 2:0, со што беше елиминирана од Светското првенство во Русија уште по групната фаза.
Во лудата разврска на Ф-групата, Шведска го совлада Мексико со 3:0, но и двете селекции продолжуваат во осминафиналето, додека Германија на крајот заврши на последното место, со само три освоени бода.
По Франција во 2002, Италија во 2010 и Шпанија во 2014 година, Германија е четвртиот бранител на титулата на последните пет светски првенства кој испаѓа уште по првата фаза.
Ова е најраната елиминација на Германија од светските првенства од 1938 година, кога во еден поинаков систем на натпреварување беше поразена од Швајцарија во осминафиналето.