Судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година почнува на 22 август во 10 часот, соопшти Основниот суд Скопје 1- Скопје.
„Заради зголемен интерес на јавноста и медиумите за предметот кој беше оформен по одобрувањето на обвинителниот акт поврзан со настаните од 27 април 2017 година кои се случија во Собранието, ја информираме јавноста дека предметот е насрочен за 22 август во 10 часот. Закажани се вкупно 37 термини за главната расправа за што веќе се изготвуваат наредби за спровод за обвинетите кои се наоѓаат во куќен притвор како и покани за останатите странки во предметот“., стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1-Скопје.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март годинава поднесе обвинителен акт против 28 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело во врска со нападот во Собранието на 27 април, 2017.
Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски.
Покрај пратениците, осомничени се и Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР за време на организираниот напад на Собранието на 27 април, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.