СОБРАНИЕТО ПАК ЌЕ ГО ГЛАСА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ПО ОДБИВАЊЕТО НА ИВАНОВ ДА ГО ПОТПИШЕ

    СОБРАНИЕТО ПАК ЌЕ ГО ГЛАСА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ПО ОДБИВАЊЕТО НА ИВАНОВ ДА ГО ПОТПИШЕПратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на ратификацијата, и најавија дека денес пак ќе го бојкотираат гласањето, бидејќи сметаат дека договорот со Грција е капитулантски. Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев(Фото:К.Попов)

    Собранието денес ќе ја одржи седница на која пратениците во трето читање ќе гласаат за предлог-законот за ратификација на договорот со Грција за спорот за името, по одбивањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да го потпише указот.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на ратификацијата, и најавија дека денес пак ќе го бојкотираат гласањето, бидејќи сметаат дека договорот со Грција е капитулантски за Македонија.

    За да помине предлог -законот за ратификација на договорот со Грција, треба да гласаат 61 пратеник.

    Ако биде изгласан законот, според Уставот, претседателот е должен да го потпише Указот.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела најави дека ако претседателот Ѓорге Иванов не го потпише и Законот за ратификација на договорот со Грција, исто како што направи со Законот за употреба на јазиците, до Службен весник, ќе ги испрати двата закони за објавување без потпис на Иванов.

    „Мора да има некое решение. Кој има дилема дали нешто не е во согласност со Уставот има институции кои тоа го одлучуваат. Тоа е Уставниот суд.“ рече Џафери.

    Директорот на „Службен Весник“ Мартин Костовски по најавата на Џафери дека ќе ги прати предлог законот за ратификација на договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците за објавување без потпис на претседателот Иванов, за медиумите изјави дека Службен весник како институција нема да ги спречи прогресивните и напредни процеси во државата.

    ВМРО-ДПМНЕ јавно ги опомена претседателот на Собранието и директорот на Службен весник да не ги објавуваат законите за употреба на јазиците и за договорот за името само со потпис на претседателот на Собранието, бидејќи ќе извршат кривично дело за кое одговорноста не застарува.

    Собранието со 69 гласа „за“ го ратификуваше договорот со Грција на 20 јуни.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира