ГРУЕВСКИ НЕМА ОБВРСКА ДА ОДГОВОРИ КАКО Е ИСПРАН СТРАНСКИОТ КАПИТАЛ ОД МАКЕДОНИЈА, КАЖА КОМИСИЈАТА ПРИ БРАНЕЊЕТО НА ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈА

    ГРУЕВСКИ НЕМА ОБВРСКА ДА ОДГОВОРИ КАКО Е ИСПРАН СТРАНСКИОТ КАПИТАЛ ОД МАКЕДОНИЈА, КАЖА КОМИСИЈАТА ПРИ БРАНЕЊЕТО НА ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈАГруевски заврши со изнесување на докторската теза со цитатот „Умереноста е една од најголемите доблести“. - Од докторирањето на Груевски на Економскиот факултет (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер Никола Груевски денес во свечената сала на Економскиот факултет ја одбрани докторската дисертација „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“. Негов ментор е професорот Михаил Петковски, а членови на комисијата за одбрана се професорите: Методија Несторовски (претседател), Љубе Трпевски, Живко Атанасовски, Владимир Филиповски и Петковски.

    45 минути Груевски одговараше на десетте прашања од петчлената комисија, говорејќи за договарањата со странските инвеститори, за девизен курс и даночни олеснувања, по што професорот Несторовски праша дали присутните имаат прашања и рече дека по писмен пат е стигнато прашање од професорот Александар Костадиновски кое гласеше: „Како е испран странскиот капитал од Македонија?“.

    Комисијата му кажа на Груевски дека нема обврска да одговори на тоа прашање, но тој рече дека поранешната Влада преземала многу чекори за да се спречи можноста за перење пари.

    Груевски, кој магистрирал во 2006 година, ја поднел пријавата за докторска дисертација на 12 декември 2011 година, а му била одобрена на 21 февруари 2012 година. Кандидатот има рок од 5 години да ја одбрани тезата, освен ако не побара продолжување лично или на барање на менторот, поради непредвиени околности.

    Откако беа прочитани правилата и распоредот на бранење на дисертацијата, следеа заклучоците на комисијата, во кои меѓудругото е наведено дека темата е актуелна и обработена на концизен начин. Откако тезата била јавно објавена на 1 јуни, до Факултетот пристигнале повеќе препораки и позитивните мислења од јавноста, а меѓу кои се: Тинекс, Народна банка, Агенција за електронски комуникации, Агенција за цивилно воздухопловство, Алмакс, Дока текстил, ОДВ електрик, Костал, Клириншка куќа-КИБС.

    При претставувањето на тезата, говорејќи за влијанието на странскиот капитал, Груевски рече дека најголеми приливи на странски инвестиции се регистрирани од 2006-2008 година и подоцна во 2011 година, благодарение на, како што рече, реформските промени во Македонија.

    Груевски магистрираше во 2006 година, а докторската дисертација му беше одобрена во 2012 година. – Груевски пристигнува во холот на Економскиот факултет со мајка му и двете ќерки. Сопругата Боркица не присуствуваше на докторирањето (Фото: К. Попов)

    Откако поминаа повеќе од 40 минути од изнесувањето на тезата и откако комисијата на два пати му укажа на Груевски да привршува во интерес на времето, тој го заврши говорот со цитатот „Умереноста е една од најголемите доблести“.

    Следеа заклучоци и прашања од членовите на комисијата, а Трпевски меѓу другото рече: „Прво сакам да им честитам на двете мали принцези за дисциплинираното следење на одбраната. Во мојата долга кариера не сум сретнал деца да седат мирно цело време на вакви настани. Не знам кој е заслужен за вашето воспитување, дали мајката или бабата, но секоја чест“, по што девојчињата тивко му се заблагодарија.

    „Чувствувам задоволство што го завршив ова поглавје кое го започнав пред неколку години, а кое заради разни околности не успеав да го завршам“, изјави Груевски по докторирањето.

    Прашан дали докторатот е платен со државни пари, рече не. На прашањето дали чувствува одговорност за осудените за 27 април, а кои ќе одат во затвор, рече дека тоа е политичко прашање и си замина.

    Груевски е неправосилно осуден на 2 години затвор во случајот „Тенк“ на СЈО, за злоупотреби при набавка на службениот мерцедес од 600.000 евра. Му се суди и во случаите „Титаник“, „Траекторија“, „ТНТ“ и „Насилства во Центар“. Претпладнево беше во Основниот суд Скопје 1 да се пријави, обврска што ја има секој петок поради изречените мерки на претпазливост и одземениот пасош. По пријавувањето, Груевски отиде преку улица на Економскиот факултет, на одбрана на докторската дисертација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира