МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА АМНЕСТИЈАТА НА ИВАНОВ И НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТОРТУРА“

    МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА АМНЕСТИЈАТА НА ИВАНОВ И НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТОРТУРА“Мијалков се повика на амнестијата на Иванов и на судењето за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“. - Сашо Мијалков на претходно рочиште на „Тортура“ (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот на СЈО „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, како и останатите пет обвинети полициски „алфи“, се повикаа денеска на амнестијата што им ја даде претседателот Ѓорге Иванов.

    Со амнестијата не е опфатен само обвинетиот Јован Боцевски, кого Иванов го испуштил на списокот за спасување на осомничени за криминал од тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ. На 19 јуни, Мијалков се повика на амнестијата на Иванов на судењето за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“.

    По година дена од поднесувањето на обвинение, почна судењето на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, на бившиот командант на полициските „Алфи“ Ивица Анчевски – Пуки и на уште петмина припадници за оваа единица за мачење и изживување врз Љубе Бошкоски. Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се пожали во прислушуван телефонски разговор дека „убиството на Мартин Нешкоски им го упропастило апсењето на Љубе“.

    На 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, Бошкоски беше апсен во Скопје од обвинетите Анчевски, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани, под сомнение дека злоупотребил финансиски средства за изборна кампања. СЈО вели во обвинението дека апсењето со кое му е нанесена душевна и физичка болка, страдање, срам и понижување било по нарачка на Мијалков поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба.

    Во „Тортура“ сите се обвинети за Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Новица Станковски му стави пиштол во левиот образ на легнатиот Бошкоски, додека воопшто не давал отпор, а останатите му пренесувале пораки „од шефот“ дека ќе лежи 8 години затвор, му ги пцуеле жената, децата, му се заканувале, навредувале. Адвокатите во воведен збор го негираа делото и воопшто целото обвинение и бараа ослободителна пресуда за сите обвинети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира