Народниот правобранител вчера по сопствена иницијатива отвори предмет за случајот со малолетната тетовчанка која новороденчето го остави пред Домот за доенчиња во Битола, по најавите од полицијата дека кривично ќе биде гонета за запоставување на дете. Детскиот Обудсманот го следи случајот и ќе испитува дали има нарушување и на правата на малолетната мајка. Во јавноста не се познати причините поради кои таа го оставила бебето пред институција, не било која туку онаа што е надлежна за негово згрижување, и дали има и други можни виновници, туку вината засега е впререна само кон малолетната девојка.
„Од Одделението за заштита на правата на децата по сопствена иницијатива дадовме наредба да се отвори предмет за овој случај. Ќе истражуваме дали се точни наодите за идентитетот на мајката, ќе се обратиме до Центрите за социјална работа да добиеме конкретни податоци за тоа што тие презеле. По добиените одговори ние ќе видиме што понатаму ќе преземеме како активност. Случајот се следи и испитува“, рече Васка Бајрамовска Мустафа, заменик-Народен правобранител.
Минатата недела малолетната мајка во придружба на маж и жена со такси допатувале од Тетово во Битола и го оставиле дететео пред Домот за доенчиња. Потоа група луѓе тропале по вратата на домот, но бидејќи било доцна вработените се исплашиле и повикале полиција. Кога дошла полицијата нашла 50-годишен битолчанец кој пријавил дека го нашол бебето. По ова тоа било прегледано во Битолската болница и во добра здравствена состојба згиржено во Домот за доенчиња во Битола.
Не се знаеше идентиетот на мајката, па полицијата истражуваше и откри дека родилката е малолетна тетовчанка. Од СВР Битола беше најавено дека ќе ѝ поднесат кривична пријава.
На ова реагираа активистки за женски права од земјава, барајќи да не се суди малолетната мајка, туку да ѝ се помогне да ја надмине ситуацијата. Ана Василева, феминистка и членка на неформалната иницијатива „Бори се женски“, изјави дека несфатливо е како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако детето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, МВР одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години.
Активистките на женските организации апелираат да се испита целата ситуација дали мајката можела да го одгледува детето, дали била под ризик на насилство, да ја информираат за можните опции, па ако реши да го задржи детето да ѝ се пружат услови да го одгледува, а доколку не, да се најде семејство за посвојување или згрижување.
Токму Македонското здружение на медицински сестри и акушерки со поддршка од Фондот за деца при УНИЦЕФ започна обука за патронажните сестри да ги зајакнат капацитетите за да спречат напуштање на деца, насилство, негрижа и дисфункционално родителство.
„Патронажните сестри веќе вршат домашни посети во семејства каде има новороденчиња. Со обуките се јакнат нивните знаења да препознаат дисфункционално семејство, можни закани од насилство, алкохол, напуштање, да ги препознааат таквите ризици и да ги алармираат другите служби. Во конкретниот случај не можеше да се делува затоа што најверојатно бебето по излегувањето од болница било оставено“, рекоа од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Ж. ЗДРАВКОВСКА