Хрватска е сензационалниот финалист на Светското првенство во Русија, станувајќи само 13. репрезентација во 88-годишната мундијалска историја која успеала во тоа.
Избраниците на Златко Далиќ ја совладаа Англија со 2:1 во драматичното второ полуфинале, откако трет натпревар по ред играа продолженија, само што овојпат не дозволија мечот да отиде до изведување пенали.
Средбата беше решена претходно, во 109. минута, кога Марио Манџукиќ го совлада англискиот голман Пикфорд, за голем резултатски пресврт, имајќи предвид дека Англичаните дојдоа во водство уште во петтата минута преку слободниот удар на Трипие. Се чинеше дека Англија има целосна контрола врз натпреварот, но тоа целосно се смени кога Иван Перишиќ израмни на 1:1 во 68. минута.
Хрватска, која беше трета пред 20 години, в недела ќе се бори за светската титула против Франција, селекцијата која тогаш ја запре на патот кон финалето. На Англија и на Белгија им останува утешниот меч за бронза.