АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ ДА ДОБИЕ ДОСТОИНСТВЕН СПОМЕНИК, ПОБАРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ НА НЕГОВОТО ЧЕСТВУВАЊЕ ВО ВЕЛЕС

    АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ ДА ДОБИЕ ДОСТОИНСТВЕН СПОМЕНИК, ПОБАРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ НА НЕГОВОТО ЧЕСТВУВАЊЕ ВО ВЕЛЕСПретставниците на Асоцијацијата на архитекти на одбележувањето на 205 години од раѓањето и 140 години од неговата смрт, положија цвеќе на гробот на Андреја Дамјанов, кој по негово барање е без никакви ознаки, оти како што образложил, „мајсторот по делата се познава“ (Фото: СДК.МК)

    Андреја Дамјанов е маркантна и незаобиколна личност во Македонија од 19. век, протомајстор кој за 65-годишниот живот остави 10-тина цркви во Македонија, шест во Србија, три во Босна и Херцеговина, кажа архитектот Трајко Димитров од Асоцијацијата на архитекти на Македонија на одбележувањето на 205 години од раѓањето и 140 години од неговата смрт.

    Димитров, во името на архитектите на Македонија, побара Дамјанов да добие споменик, што го бараа и претходните години, но остана само на ветувања.

    „Сеќавањето за овој неповторлив великан треба да биде преку богата и достоинствена монографија. Потоа, во градот каде е упокоен на видно место да се постави достоинствен паметник за Дамјанов“, рече Димитров. Тој најави дека во 2020 Асоцијацијата на архитекти планира да издаде монографија за 30. добитници на наградата „Андреја Дамјанов“.

    Делегацијата на архитектите на Македонија ја и посети црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес, дело на Дамјанов.

    „Неговите цркви се ремек-дела за тоа време, кога немало големи технички помагала. Се почитувала идејата на проектантот, што е најважно, и се изведувале како што тој ги предвидел. Дамјанов лично присуствувал при изградбата на секоја црква. Тој создал огромно национално богатство, кое и по толку време на (не)одржување опстојува и е белег на нашето постоење“, рече Вера Ќосевска, претседател на Архитектонската академија, при Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    Гостите на настанот положија цвеќе на гробот на Дамјанов, кој е без никакви ознаки, по негово барање, оти како што образложил, „мајсторот по делата се познава“.

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија во чест на Дамјанов од 1989 ја доделува наградата за животно дело што го носи неговото име, како најголемо професионално признание на архитектите на Македонија.
    Во периодот од 1994 до 2004,  наградата се доделуваше на Петровден во црквата „Св. Пантелејмон“.

    Архитектите побараа оваа награда повторно да се врачува во Велес, на Петровден во „Св. Пантелејмон“.
    Негови дела се и црквите „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, „Успение на Св. Богородица“ во штипско Ново Село, „Св. Никола“ во Куманово, „Св. Архангел Михаил“ во селото Чичево, велешко. Во соседството ги изградил црквите „Св. Ѓорги“ во Смедерево и „Св.Тројца“ во Ниш, Србија и „Св. Богородица“ во Сараево, БиХ.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира