Пречистителната станица што во следните две години ќе се гради со пари од европските фондови ќе го реши горливиот еколошки проблем со загаденоста на водотеците во Битолско. Директорот на Јавното претпријатие „Нискоградба“ Методи Силјановски, најави дека есенва ќе биде распишан меѓународен тендер за избор на фирма која ќе ја гради станицата, ќе го догради колекторскиот систем и ќе го врши надзорот.
„Пречистителната станица ќе ги опфаќа отпадните води од Битола, селата Кравари, Долно Оризари, подпелистерските села. Петтиот канал со пречистителната станица ќе биде 95 проценти чист, се решава и Драгор и загадувањето на Црна Река од страната на Битола, па потоа и големиот проблем како што е загадувањето на Тиквешкото Езеро“, рече Силјановски.
Инаку, во реката Драгор која минува низ Битола се влева отпадната канализациона и индустриска вода од градот, без никаков претходен третман на пречистување. Загаденоста на реката на излезот од градот достигнува до четврта и петта класа, што важи за најсилно загадена вода. Овие загрижувачки податоци се објавени во Локалниот еколошки акционен план донесен од општинскиот Совет. Повеќе од една година се случува водата во Драгор да побелува, па постојат претпоставки дека во неа завршуваат вишоци млеко. Реката Драгор понатаму се влева во река Црна, а таа во Тиквешкото Езеро и така се пренесува загадувањето.
За пречистителната станица, која се очекува да ги смени стостојбите, обезбедени се приближно 29 милиони евра. Дури 85 проценти од средствата се преку ИПА фондовите, а 7,5 милиони евра од Владата. Општината од својот буџет обезбеди 17 милиони денари за експропријација на земјиштето. Пречистителната станица ќе го реши и проблемот со поплавувањето на улиците во повисоките делови од градот за време на поројни дождови.
„Канализацијата во Општина Битола и во градот е димензионрана пред 35 години за одредени количини на дожд. При поголеми количини на дожд имаме поплавување на одредени делови од градот. Но, со проектот што е предвиден за пречистителна станица 90 проценти од тие проблеми во градот ќе бидат решени“, рече Силјановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА