Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби го изработи првиот аудио водич за археолошки локалитет во Македонија, кој во фунцкија е ставен од вчера. Водичот за еден од најпосетуваните туристички дестинации е изработен во соработка со софтверскатa компанија „Г6 Солушнс“ од Скопје.
„Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудио водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин“, соопштија од Стоби.
Освен аудио водич, посетителите ќе може да ја користат и мобилната апликација „Stobi audio guide“ која е достапна за Андроид и ИОС оперативните системи, на македонски и на англиски јазик. Апликацијата ќе може да се симне на самиот влез на локалитетот кадешто е обезбеден и слободен интернет пристап.
Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Преводот на англиски е на Димитар Николовски, наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски Николовски.