Во Куманово денеска беше отворен првиот Центар за заштита од сексуално насилство во државата. Вакви центри ќе добијат и Скопје и Тетово, на иницијатива на УНДП и УНФПА, а вредноста на проектот е 400.000 американски долари.
„Кога ги споредувавме условите кои ги предвидува Истанбулската конвенција и она што во реалноста постои во Македонија, навистина бевме шокирани што во државата нема ни еден центар каде што жртвите на сексуалното насилство можат да се обратат, да добијат здравствена заштита и да бидат сослушани од полицијата. Наместо да добијат помош и поддршка на едно место, жртвите досега мораа да патуваат на различни места да одат во различни канцеларии и постојано да ја раскажуваат истата приказната што им се случило и да се чувствуваат понижени, да не им се верува, а некојпат и да се чувствуваат виновни за чинот што се случил против нив“, рече Лујза Винтон, постојан претставник на УНДП во Македонија, на отварањето на центарот.
Таа додаде дека токму тоа е причината поради која многу мал број жени се решаваат да го пријават сексуалното насилилство, а тоа не значи дека тоа не постои.
Центарот за заштита од сексуално насилство во Куманово ќе биде сместен во поранешните простории на хируршкото одделение во Општата болница, а ќе го опслужуваат обучени тимови од гинеколози, психолози, социјален работник и други здравствени работници.
„Кординатор на центарот ќе биде главната сестра на болницата, која ќе има задача по пријавување на ваков случај во гинеколошката амбуланта или ургентниот центар, да го собере целиот тим и на едно место во исто време жртвата да добие здравствена, психолошка, правна, безбедносна и социјална помош“, рече директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева.
Проектот е меѓусекторски и поддржан е од министерствата за труд и социјална политика, здравство, МВР, УНДП, УНФПА и граѓанската организација ХЕРА. На отварањето присуствуваа министрите Оливер Спасовски, Мила Царовска, Венко Филипче, градоначалникот Максим Димитриевски, кои посакаа центрите да имаат многу малку работа, и апелираа да се подигне свеста кај граѓаните за намалување на секаков вид на насилство во семејството.
С. НИКОЛИЌ