Руската феминистичка активистичка група „Пуси рајот“ ја презеде одговорноста за упадот на четири лица на теренот на стадионот „Лужники“ во Москва за време на финалето на Светското фудбалско првенство помеѓу Франција и Хрватска.
Таа објави на Твитер дека прекинот на финалето бил знак на протест.
Четири лица, облечени во старомодни полициски униформи, се стрчаа на теренот во 52. минута, пред да бидат сопрени од обезбедувањето, при што и хрватскиот дефанзивец Дејан Ловрен фрли на земја еден од машките демонстранти.
„Поздрав на сите од стадионот ‘Лужники‘, одлично е овдека!“, напиша групата на Твитер и повика на ослободување на политички затвореници и на запирање на „илегални апсења“.
Протестот само кратко беше виден во ТВ-преносот, бидејќи ФИФА строго забранува да се прикажуваат вакви ситуации .