Владата до Собранието достави предлог измени на Изборниот законик во скратена постапка со кои, неофицијално, предвидено е Државната изборната комисија наместо со двотретинско мнозинство да се бира со апсолутно мнозинство (61 пратеник). Со измените на законот се укинува предлог листата со канидати за ДИК да се разгледува на Комисијата за избори и именувања, со која раководи Илија Димовски. Таа надлежност се доверува на Комисијата за европски прашања, со која претседава Артан Груби. Листата со кандидати, претседателот на Парламентот доставува до политичките партии кои имаат рок од три дена да го информираат за своите предлози, по што се пристапува кон гласање во Собранието.
Предлогот е поделен на пратениците на разгледување, но ниту пратениците од власт, ниту од опозицијата, не сакаат да ги коментираат предложените измени сè додека не ги разгледаат убаво.
Премиерот Зоран Заев утринава најави дека утре попладне ќе има лидерска средба за деталите за референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат за договорот со Грција за промена на името во Република Северна Македонија, односно за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
Г. ТРПЕНОСКИ