До Собранието се доставени измените на Изборниот законик на кои е ставено европско знаме со кои изборот на Државната изборна комисија (ДИК) би се правела со 61 пратеник, наместо со двотретинско од 81 глас, објави Владата.
„Владата одлучи да предложи измени на Изборниот законик како резултат на блокади од опозицијата на изборот на ДИК а со тоа и на одржувањето референдум на кој граѓаните треба да одлучат за иднината на земјата за членството во ЕУ и НАТО. Време е опозицијата да докаже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.
Тој рече дека Владата одлуката ја донела врз основа на ставот и извештаите на Венецијанската комисија во кои предупредува дека ваквите блокади ги оневозможуваат институциите да ја работат својата работа и ја поткопува демократијата.
„Измените се доставени во Собранието, утре е лидерската средба. Или утре ќе има политички консензус или измените влегуваат во процедура“, рече Бошњаковски.
Со ставањето на измените на Изборниот законик со европско знаме, се прескокнува претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. За измените ќе се расправаат во Комисијата за европски прашања со која раководи Артан Груби од ДУИ.
Во образложението на измените, стои дека се со цел да се разреши проблемот што се појави со блокирање на процесот на избор на Државната изборна комисија.
„Уставот го уредува потребното мнозинство за донесување на одлуки, кое варира во зависност од законската материја или избраната или именувана позиција за која се носи одлука. Целта на овие механизми, а особено на двотретинското мнозинство при носење на одлуките е да се обезбеди поширок легитимитет и инклузивност на сите политички субјекти претставени во Собранието. Дополнително, освен овие уставни решенија, определени закони предвидуваат двотретинско мнозинство за избор на членови на тела, во конкретниот случај двотретинско мнозинство за избор на членови во Државната изборна комисија според Изборниот законик. Сепак, ваквото решение и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки, поточно изборот на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија“, се вели во образложението на предложените измени на Изборниот законик, повикувајќи се на забелешка на Венецијанската комисија за начинот на избор на Судскиот совет во Црна Гора.
Г. ТРПЕНОСКИ