МИЦКОСКИ ЈА НАПУШТИ ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ОТИ МУ БИЛ ЧУДЕН ФОРМАТОТ, ПОБАРА НОВА ДО ПОНЕДЕЛНИК

    МИЦКОСКИ ЈА НАПУШТИ ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ОТИ МУ БИЛ ЧУДЕН ФОРМАТОТ, ПОБАРА НОВА ДО ПОНЕДЕЛНИКПретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара лидерска средба со четири партии. - Мицкоски на денешната лидерска средба беше придружуван од Тања Каракамишева (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти лидерската средба во Клубот на пратеници бидејќи, според него, била организирана во чуден формат и побара од премиерот Зоран Заев до понеделник да организира, како што кажа, вистинска лидерска средба.

    „ВМРО-ДПМНЕ бара од премиерот Зоран Заев да организира вистинска лидерска средба на четири партии. Најголемата кај Македонците од власта, најголемата кај Албанците од власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија кај Албанците“, рече Мицкоски.

    Тој му даде рок на Заев до понеделник за новата лидерска средба и кажа дека се надева кај Заев и Владата да преовлада разумот.

    „ВМРО-ДПМНЕ беше дел од оваа таканаречена лидерска средба. Не ни беше јасно кажано зошто беше во ваков состав, када што не беа сите парламентарни партии. Владата вчера го покажа своето девијантно однесување и на неделовнички начин, без поддршка од опозицијата, поднесе измени на Изборниот законик со кои што се намалува мнозинството за избор на ДИК од двотретинско на апсолутно. Ги кажавме нашите забелешки, им реагиравме принципиелно и ја напуштивме т.н. лидерска средба“, изјави Мицкоски.

    Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останува на своите ставови, пред да се разговара за ДИК да се донесат сите реформски закони.

    На средбата се присутни претставници на 11 парламентарни партии. На средбата останаа претставниците на Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира