Вртелешката која стоеше пред зградата на Министерството за надворешни работи денеска е преместена во Градскиот парк.
Град Скопје планираше вториот карусел да го постави во населбата Топаанско поле но бидејќи жителите на околните згради не ја сакаа, најдена е нова локација во првиот дел од паркот, кај ресторанот „Езерце“.
„Овој простор беше неуреден. Местото каде што ќе стои каруселот е постоечка бетонска подлога, но просторот околу хортикултурно ќе го уредиме со зеленило, а поставена е и хидрантна мрежа за наводнување, и тоа на површина од 700 метри квадратни. Планирано е вртелешката да почне со работа кон почетокот на август, а во наредниот период во парк ќе го донесеме и вовчето од Луна парк“, вели директорот на ЈП„Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.
Првата вртелешка која беше поставена на плоштадот Македонија пред два месеци беше преместена во населбата Ново Лисиче. Таа беше поставена во 2013 година. За да се вклопи во проектот „Скопје 2014“ за неа беше изградена и барокна билетара. Чинеше околу 160.000 евра, а ја набави ЈП „Паркови зеленило“ со пари кои му беа префрлени од буџетот на Град Скопје. Во 2017 година овој реквизит има остварено приход од 2.393.990 денари. Трошоците за плати и придонеси на месечно ниво за вработените на овој реквизит изнесуваат 150.000 денари.
Втората вртелешка пред барокната зграда на МНР односно на плоштадот Пресвета Богородица беше поставена лани во јули иако првично од ЈП „Паркови и зеленило“ велеа дека ќе стои на плоштадот Филип Втори. Таа е поскапа од првата и за неа Град Скопје потроши 187.000 евра, но не е ставена целосно во употреба, како што објаснуваат од Град Скопје бидејќи сè уште не се отстранети одредени недостатоци кои се посочени на носителот на набавката, односно не можел да се поврзе на струја. Поради тоа, овој реквизит има работено само 7 дена, период за кој се остварени приходи од вкупно 350 денари.
А. АНТЕВСКА