Европскиот суд за човекови права денес донел пресуда по тужба од Јани Макрадули, кој во 2012 година беше осуден за клевета во спор покренат од тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков. Макрадули беше осуден на парична казна од 8.500 евра зашто како пратеник, во 2007 година рекол дека Мијалков ја злоупотребува опремата за прислушување.
Пресудата ја потврди Апелациониот суд Скопје, а Мијалков тогаш рече дека парите добиени од пресудата ќе ги даде во хуманитарни цели.
ЕСЧП на Макрадули му досудил износ од 1.500 евра за надомест на нематеријална штета и 1.020 евра за трошоци во постапката.
„Денес ЕСЧП донесе три пресуди во однос на четири апликации поднесени против Република Македонија. Две од четирите апликации, беа поднесени од г. Јани Макрадули, и за нив има донесено една пресуда, во којашто ЕСЧП констатира повреда на правото на слободата на изразување. Ваквата пресуда, во корист Јани Макрадули, е во врска со тужбата на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, за јавно изречена клевета“, соопшти Министерството за правда.
Судот во Стразбур утврдил дека осудата на Макрадули, значи прекршување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, односно повреда на неговата слобода на изразување.
Според Судот, коментари во врска со имотот на јавни службеници и нивна можна вклученост во неадекватни активности, се однесуваат на значајни прашања од јавен интерес и тие се во согласност со начелата од членот 10 од конвенцијата.
Судот во Стразбур вели дека интервенцијата на државата во слободата на изразување на апликантот, а со цел заштита на угледот на поединци (функционери), во конкретниот случај претставува повреда на стандардите од член 10 од Европската конвенција за човекови права.
Останатите две пресуди, „Хасани против Република Македонија“ и „Бајрамовски против Република Македонија“, судот ги прогласил за недопуштени, поради неисполнување на критериумите од член 35 од Конвенцијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА