Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби без да прифати ниту еден од 401 амандман од опозицијата на измените на Изборниот законик, ја затвори расправата во Комисијата.
„Има многу пријавени за збор, па одлучив да ја прекинам расправата, бидејќи поради роковите нема да можеа да дискутираат сите пријавени дискутанти“, рече Груби.
Според собранискиот Деловник, расправата требаше да заврши на полноќ бидејќи измените на Изборниот законик беа со европско знаме и предложени од владата по скратена постапка. Со измените е предвидено Државната изборна комисија да се бира со просто мнозинство од 61, наместо со двотретинско, односно со 81 глас.
За в понеделник е најавено дека измените ќе бидат ставени на пленарна седница. Потоа Комисијата за европски прашања треба да го утврди составот на Државната изборна комисија.
На денешната дебата во Комисијата, пратениците дискутираа за сè и сешто освен за амандманите. Седницата помина во тензична атмосфера, со многубројни навреди и паузи. Расправата заглави кај вториот од поднесените 401 амандман од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ предходно го предупреди парламентарното мнозинство дека своеволното и неделовничко однесување во Собранието ќе има последици за демократијата во Македонија.
„Парламентарното мнозинство го приватизира Собранието. СДСМ и ДУИ се навикнаа да го кршат Уставот, законите, и собранискиот Деловник. Скандалозно, неделовнички и со двојни аршини е однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби. Во Собранието не важи ниту едно правило, ниту една процедура, важи само волјата на мнозинството“, изјави Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, пред да ја даде првата пауза претседавачот на Комисијата Груби, тензијата ја крена дискусијата на пратеникот на СДСМ Петар Атанасов. Тој рече дека измените се носат за да се деблокира изборот на Државната изборна комисија, дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот за да го блокира одржувањето на референдумот.
„Прекинете да го блокирате ДИК и дозволете да го избереме ова тело за да се произнесат граѓаните на референдум. Сами ја навредувате вашата интелигенција, зашто веќе втора година блокирате работа. За првпат може да одиме напред. Не може граѓаните да останат заложници на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не смее да го ускрати правото граѓаните да се изјаснат на референдум. Вас ве интересира само амнестија на криминалот на партијата и судбината на Никола Груевски. Доста сме заложници на една забегана политичка гарнитура“, рече Атанасов.
На дискусијата на Атанасов, бурно реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од место му дофрлуваа дека е предавник и побараа да се извини за упатените навреди кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Барам од колегата да се извини на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги нарече забегани. Ве мислев за многу покултурен човек, знам дека ви се брза да се избере Државната изборна комисија, но жалосно е после вакво однесување овде вие да бидете заменик министер за образование, тој кој што ќе носи образовни програми во Република Македонија“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невена Стаменковска.
Г.ТРПЕНОСКИ