Маж вооружен со нож нападна патници во преполн автобус во германскиот град Либек, при што повреди десетмина.
Триесет и четиригодишниот напаѓач е уапсен и се наоѓа во притвор, објави полицијата, додавајќи дека станува збор за маж со иранско потекло, кој има германско државјанство и живее токму во Либек. Нема навестувања дека тој бил радикализиран и дека имал терористички мотиви за нападот.
Пет од десеттемина повредени се превезени во болница, од кои тројца се во тешка состојба.
Напаѓачот одбивал да зборува со полицијата и денеска ќе биде изведен пред суд.
Според сведоците, во моментот на нападот автобусот бил полн, кога еден од патниците наеднаш извадил нож од ранецот и почнал да боде луѓе.
„Патниците искачаа од автобусот врескајќи. Беше ужасно. Тој имаше голем нож во рацете. Иако беше удрен, возачот храбро го запре автобусот и ги отвори сите врати“, кажа еден сведок.