Јапонија прогласи состојба на природна катастрофа, откако земјата ја погодија рекордно високи температури, што предизвикаа смрт на 65 луѓе.
Портпаролот на Националната метеоролошка агенција изјави дека во некои области се забележани досега невидени нивоа на жештина.
Повеќе од 22.000 луѓе се примени во болница во последните денови со симптоми на топлотен удар, повеќето од нив постари лица.
Метеоролозите предупредуваат дека нема најави за подобрување на ситуацијата. Од агенцијата најавуваат дека температурите од над 35 степени би можеле да продолжат до средина на наредниот месец.
Во понеделникот, во градот Кумагаја се измерени 41,1 Целзиусов степен, што е највисока температура досега регистрирана во државата. И во централно Токио температурите биле над 40 степени, што, исто така, е прв таков случај досега.