Премиерот Зоран Заев денеска ги повика граѓани да излезат на претстојниот референдум бидејќи тоа е нивна обврска и рече дека верува дека цензусот ќе биде исполнет, но ако граѓаните решат да останат дома, тој вели дека во тој случај, тие ја пренесуваат одлуката на институциите.
„Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко и дека не се доволно информирани, може да одлучат и да останат дома, без разлика на политичките партии. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Не сакам да помислам што ако не биде исполнет цензусот. Апелирам граѓаните сериозно да го сфатат процесот. Не размислувам за неуспешен референдум, за неисполнет цензус. Уверен сум дека повеќе од 50 отсто од граѓаните ќе излезат и голем број ќе гласаат за евроатланска иднина на земјата“, рече Заев.
Премиерот Заев рече дека нема да дозволат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја држи земјата во заложништво и дека со години барале референдум за прашањето за името а сега кој тој е распишан срамно го напуштиле Собранието и бегаат од одговорност.
„Опозицијата ниту на лидерските средби ниту јавно не кажале дека ќе го бојкотира референдумот. Граѓаните треба да гласаат онака како што мислат, но треба да излеземе оти тоа е обврска кон татковината, треба да излеземе ако сме вистински патриоти и си ја сакаме држава“, рече Заев.
Собранието вчера со 68 гласови „за“ ја донесе одлуката за распишување референдум за името на 30 септември, а ќе се одговара на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.