На 30 септември ќе гласаат сите државјани на Република Македонија кои имаат 18 години и кои се запишани во избирачкиот список, вели правилникот на новата Државна изборна комисија, која сега ја почнува првата седница по изборот.
Јанаќе Витановски од СДСМ рече дека на референдумот граѓаните кои живеат надвор од Македонија ќе може да гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва во светот. Ќе функционираат сите избирачки места како на досегашните избори освен оние во кои се имаат регистрирано под 10 избирачи.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, предлог на ДУИ, рече дека е против досегашниот начин на организирање и гласање на дијаспората во странство бидејќи трошоците за државата се огромни, а излезноста била мала.
„Јас се противам на досегашниот начин на гласање на дијаспората, бидејќи трошоците биле многу високи во споредба со изборите кои се одржувале во Македонија. Ги повикувам сите граѓани од дијаспората со право на глас да дојдат во својата татковина и да гласаат”, рече Шеху.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, ја дополни дека иако ова не е работа на Комисијата, туку на законодавецот, ставот на ДИК треба да се каже околу овие енормни трошоци за државата со цел надлежните да донесат полезно законско решение за овие наши државјани.
С. К. ДЕЛЕВСКА