100 КОМПАНИИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДРЖАВНА ПОМОШ ОД 9,2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНВЕСТИЦИИ И НОВИ ВРАБОТУВАЊА НАПРАВЕНИ ЛАНИ

    100 КОМПАНИИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДРЖАВНА ПОМОШ ОД 9,2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНВЕСТИЦИИ И НОВИ ВРАБОТУВАЊА НАПРАВЕНИ ЛАНИ„Сите компании, околу 100, ќе мора да прикажат фактури и документи за инвестициите за да може да побараат и да добијат поврат на вложените средства“, рече премиерот Зоран Заев (Фото: Влада на РМ)

    Сто компании, кои лани имале пораст на приходите споредено со претходните три години и кои не го намалиле бројот на вработени, ќе добијат државна помош од 9,2 милиони евра. Премиерот Зоран Заев рече дека на вчерашната владина седница одлучиле 100 од пријавени 180 компании за државна помош од првиот и вториот столб од мерките за економски раст да добијат државна помош. Тој кажа дека во овие компании работат 14.000 луѓе и дека само лани вработеиле нови 1.000.

    „Владата годинава определи значајни буџетски средства за помош на компаниите. За прв пат домашните компании добиваат државна помош исто како и странските. Се отстранува каква било можност за преговарање во четири очи. Се дава еднаква можност за сите што ги исполнуваат условите да добијат државна помош. Сите компании, околу 100, ќе мора да прикажат фактури и документи за инвестициите за да може да побараат и да добијат поврат на вложените средства“, рече Заев.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека годинава, практично, со сите мерки на Владата околу 190 компании ќе добијат државна помош, наспроти 23 странски компании кои добивале помош од претходната Влада преку класифицирани договори. Тој кажа дека меѓу стоте компании кои ќе добијат државна помош со мерките од првиот и вториот столб 28 се од Скопје, а останатите се од целата земја, односно седум од Битола, по четири компании од Кочани, Охрид, Штип и Боговиње.

    „Овие компании ќе добијат 10 отсто поврат на средствата што лани ги инвестирале во развојот на компанијата. Тие ќе добијат пари само ако инвестирале. Дванаесет од овие 100 компании инвестирале во развој на научно-истражувачки центри, што за нас е многу важно, бидејќи со тоа стануваат конкурентни со компаниите од европските и светските пазари. Од овие само 19 се големи компании, 32 се средни, 45 се мали и пет компании се микро“, рече Анѓушев.

    Владата на вчерашната седница ги одобри договорите со овие компании, а тие треба да поднесат барање за исплата на државната помош до Агенцијата за странски инвестиции, каде ќе приложат документи за направената инвестиција и за остварените приходи. Ако документацијата е добра, Владата во рок од 60 дена треба да ги префрли парите за исплаќање на компаниите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира