Откако Европа ја погоди нов жежок бран, метеоролозите најавуваат дека во наредните денови би можела да биде достигната рекордно висока температура досега.
Актуелниот европски рекорд е 48 Целзиусови степени, измерени во Атина во 1977 година.
Температурите растат во Шпанија и Португалија, како последица на доаѓањето на жежок воздух од Африка. Ако продолжат да се зголемуваат, се очекува да бидат урнати националните рекорди во двете држави, но можеби и на целиот континент.
„Жештината ќе биде особено интензивна и долготрајна во југозападните делови“, соопшти Шпанската метеоролошка агенција.
Европската предупредувачка група „Метеоаларм“ издаде црвена тревога, што значи многу опасно и ризично по живот, за јужна Португалија и за провинцијата Бадахос во Шпанија.
„Петок и сабота ќе бидат најжешките денови, со голема можност да биде урнат рекордот. За викенд температурите ќе бидат околу 47 степени и има 40% шанси да пораснат на 48“, објави „Метеоаларм“.
Националниот рекорд на Португалија е 47,7 степени, измерени во 2003 година, а во Шпанија 47,3 степени од јули минатата година.