МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА 4,6 МИЛИОНИ ДЕНАРИ БАРА ПРОЕКТАНТ ЗА МОНТАЖНА КАТНА ГАРАЖА ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА 4,6 МИЛИОНИ ДЕНАРИ БАРА ПРОЕКТАНТ ЗА МОНТАЖНА КАТНА ГАРАЖА ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРМонтажната катна гаража ќе се гради на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија, која беше урната во време на поранешната Влада, која на ова место сакаше да гради нов клинички центар. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство за 4,6 милиони денари или 74.700 евра бара проектант кој ќе изработи проект за изградба на катна гаража во Клиничкиот центар. Јавниот оглас за изработка на идеен, основен и сообраќаен проект за изградба на катна гаража во Клинички Центар „Мајка Тереза“, Министерството го распишало на 24 минатиот месец, а понуди може да се достават до 14 овој месец.

    Вања Андонова, од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче, вели дека огласот е распишан за изработка на проект со кој е предвидено изградба на монтажна катна гаража на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија.

    „Од проектот што ќе го добиеме ќе знаеме точно на колку ката ќе биде гаражата и колку паркинг места ќе има. Нашата идеја е да има максимум катови, односно приземје плус осум ката и две подземни нивоа за паркирање. Според проектната документација што ја имаме, планирано е да има 1.800 паркинг места, но дали ќе биде така ќе покаже проектот“, вели Андонова.

    Катната гаража според барањата во тендерската документација треба да биде од челична конструкција, со монтажно-демонтажен карактер, за да може што побрзо да се изгради.

    „Гаражата ќе биде одвоена од новата зграда на Клиниката за гинекологија, односно нема да се гради на целата површина предвидена со маркичката, туку оставаме простор од 15 метри за изградба на зеленило“, вели Андонова.

    Таа рече дека идејата со изградба на монтажна катна гаража е да се редуцира движењето со возила низ клиничкиот центар, бидејќи според нивните истражувања дневно во Клинички има 2.200 посетители, а во оваа бројка не влегуваат вработените и студентите. Според Андонова сообраќајното решение треба да понуди директен влез во катната гаража од главниот влез и да остане посебна лента за возилата на Итната медицинска помош и сервисните возила.

    „Сообраќајното решение практично треба да овозможи внатрешна сообраќајница за директен влез во катната гаража и излез од страната на паркингот кај Клиниката за Онкологија. Со тоа посетителите воопшто нема да влегуваат во Клинички. Паркингот што е кај црквичката во Клинички останува, но тој ќе се користи за сервисните возила и за возила на Итна медицинска помош“, вели Андонова.

    Старата зграда на Гинекологија беше урната во времето на ексминистерот за здравство Никола Тодоров и беше предвидено таму да се гради новата зграда на Клиничкиот центар. Новата Влада се откажа од овој проект, а министерот Филипче изградбата на монтажната катна гаража ја најави уште во март годинава, кога беше донесена одлука нов клинички центар да се гради во Бардовци. Тој тогаш рече дека за кусо време ќе изградат монтажна катна гаража и дека така ќе го решат проблемот со паркирањето и движењето на возила низ Клиничкиот центар.

    Тендерот за избор на проектант како што вели Андонова е распишан дури сега, бидејќи во меѓувреме имале административни проблеми за да добијат маркичка за градење.

    „За да добиеме маркичка за градба моравме да правиме нови архитектонски подлоги и да вадиме нови документи, односно огласот е дури сега распишан поради административни проблеми“, вели Андонова.

    Од Министерството за здравство велат дека сè уште не решиле колку ќе се наплаќа за посетители во катната гаража.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира