Меланија Трамп застана во одбрана на Леброн Џејмс, неколку часа откако нејзиниот сопруг го навредуваше на Твитер.
„Џејмс прави добри работи за едно училиште во неговиот роден град во Охајо. Госпоѓа Трамп сака да има отворен дијалог за проблемите кои се однесуваат на децата“, кажа портпаролката на првата дама на САД.
Гостувајќи на Си-Ен-Ен оваа недела, НБА-ѕвездата изјави дека Трамп ја дели Америка.
„Спортот никогаш не бил нешто што ги дели луѓето. Трамп е тој кој нè дели и за таа цел го користи и спортот. Токму преку спортот јас првпат дојдов во контакт и со белци“, изјави Џејмс.
Трамп на ова жестоко одговори преку Твитер.
„Леброн Џејмс беше интервјуиран од најглупиот човек на телевизија, Дон Лемон. Покрај него, Џејмс изгледаше паметно, што не е лесно да се постигне“, напиша Трамп.
Тој не го спомна Џејмс на митингот во Охајо, што се одржа само ден по контроверзниот твит.