Од денес, понеделник, нема да сообраќа експресниот патнички воз „Хераклеа“, поранешен „Пелагонија експрес“ кој возеше на релација Скопје-Битола-Скопје. Во соопштението од Македонски железници – Транспорт објаснуваат дека до ова доаѓа поради „оперативно технички проблем“ и дека експресниот воз, кој застануваше само во Велес, Чашка, Богомила и Прилеп нема да сообраќа времено, сè до отстранување на проблемите.
Кога повторно ќе биде пуштен во сообраќај јавноста ќе била известена исто со писмена информација. Железничарите објаснуваат дека причина за укинувањето, е што една од новите моторни композиции, популарните „Кинези“ била расипана.
Според постојниот возен ред „Хераклеа“, од Скопје за Битола, тргнуваше во 17,10 ч. а од Битола за Скопје во 5,20 ч. патувањето траеше 2,40 часа. заради што на билетот има и доплата од 50 денари.
П. ПЕЧКОВ