Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека за спроведување на референдумот за Договорот со Грција на 30 септември е предвидено да се потрошат околу 2,7 милиони евра. Тоа е намалување од 20 отсто во однос на средствата одобрени од Собранието во износ од 3,4 милиони евра.
„ДИК има обврска да донесе финансиски план за распоредување на овие средства. Во овој план првично се планира да се потрошат 169.770.000 денари, односно 20 проценти помалку од предвидените. Планот не значи дека ова е дефинитивната бројка. Се надеваме дека по спроведување на тендерите ќе се изврши натамошно намалување на средствата со цел рационално трошење на парите од даночните обврзници“, рече Дерковски на денешната седница на ДИК.
За надоместоци за изборните органи односно за општинските изборни комисии и избирачките одбори во земјата, како и за избирачките избори во дипломатско конзуларните претставништва се предвидени 1,3 милиони евра, додека за членовите на ДИК не се предвидени бонуси.