Педесет и осмото издание на фестивалот Охридско лето ќе заврши утревечер (21 часот) на Антички театар, со претставата „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенско народно гледаличше – Драма, Цанкарјев дом и Градски театар од Љубљана.
На денешниот прес за сумирање на впечатоците од 40-дневниот фестивал, в. д. директорката Сузана Вренцоска рече дека годинава учестувавле 800 уметници од 27 земји.Селекторот на драмската програма, режисерот Александар Поповски рече дека од вгодина ќе инсистира повеќе да биде застапена домашната продукција.
„Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин на овој фестивал. Кога јас студирав , главниот момент во сезоната доаѓаше на Охридско лето каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар во матичните театари. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори“, рече Поповски, додавајќи оти една од идеите е Охридско лето да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.
Вренцоска кажа дека за следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплицирале со проект за монтажно гледалиште и монтажна сцена.
„Фестивал како што е Охридско лето заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа“, рече Вренцоска.
Осврнувајќи се на музичката програма на Охридско лето, музичкиот селектор Васо Ристов истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно привлече бројни посетители од други и оти Фестивалот добил големи пофалби од домашната и странската јавност.
Д. ЧУБРИЌ