Навивачите на холандскиот фудбалски прволигаш Екселзиор направија вистински дожд од играчки на средбата со Феенорд, откако дознаа дека ќе бидат сместени на трибината над болни деца.
Холандскиот великан ги покани пациентите од детската болница во Ротердам заедно со нивните родители бесплатно да дојдат на натпреварот.
Специјалниот ден за децата го увеличаа навивачите на гостинската екипа, кои во еден момент координирано фрлија стотици играчки врз нив.
Во моментот кога требаше да се изведе слободен удар на теренот во 20. минута, врз децата ненадејно почнаа да паѓаат мечиња, лавови, пингвини и разни други играчки и обезбедувањето помогна да се соберат оние кои летнаа наоколу.
Убавиот гест беше снимен од камерите на „Фокс спортс“ и Феенорд подоцна се заблагодари на Твитер.