ВЛАДАТА РАСПИША НОВ ПОВИК И ВОВЕДЕ НОВИ КРИТЕРИУМИ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ АВИОКОМПАНИИ

    ВЛАДАТА РАСПИША НОВ ПОВИК И ВОВЕДЕ НОВИ КРИТЕРИУМИ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ АВИОКОМПАНИИНовата програма за нискобуџетни авиокомпании ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 и ќе трае заклучно со 31 декември 2021 година. Претходниот повик беше поништен на 6 август, откако во понудата на единствената пријавена компанија „Визер“ не биле наведени полните назив и адреса на авиопревозникот

    Владата на денешната седница почна нова постапка за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиокомпании, откако пред повеќе од две недели беше поништен повикот за субвенции на кој се пријави само унгарската „Визер“. Новата уредба ќе се однесува на периодот од 2019 до крајот на 2021 година.

    Владата ги донесе уредбата за начинот и за критериумите за доделување финансиска поддршка на авиокомпании, како и програмата за определување средства потребни за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за периодот 2019-2021 година. Програмата ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 и ќе трае заклучно со 31 декември 2021 година. Притоа ќе се формира комисија за спроведување постапка за доделување финансиска поддршка, која ќе го објави новиот јавен повик за доставување барања за финансиска поддршка. Повикот ќе биде објавен во домашни и во странски гласила. Ги повикувам сите заинтересирани авиокомпании да се пријават на повикот и уверувам дека ќе се избере авиопревозник кој ќе достави најдобра понуда“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

    Тој додаде дека новата уредба содржи и неколку значајни измени.

    „Избраниот авиопревозник ќе има обврска од 10 јануари 2019 да воспостави и да одржува база од најмалку еден авион, било во Скопје, било во Охрид. Тој ќе има обврска и да воведе најмалку две нови дестинации од Скопје, односно четири од аеродромот во Охрид. Не ја исклучуваме можноста во иднина да се воведат и прекуокеански летови, но тоа ќе зависи од авиокомпаниите“, кажа Сугарески.

    Министерството за транспорт и врски го објави сега поништениот јавен повик на 28 јуни. Министерот Горан Сугарески тогаш кажа дека со програмата на Владата предвидено е од буџетот на Министерството за транспорт и врски за субвенции за нискобуџетни авиокомпании да се дадат 312,4 милиони денари или пет милиони евра, кои ќе се исплаќаат од 2018 до 2021 година. Повикот беше поништен на 6 август, откако во понудата на единствената пријавена компанија „Визер“ не биле наведени полните назив и адреса на авиопревозникот.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира