Сите 33 обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 не се чувствуваат за виновни за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, се изјаснија тие на денешното судско рочиште. На прашањето на судијката Добрила Кацарска дали го разбираат делото за кое се обвинети и дали чувствуваат вина, еден по еден обвинетите одговараа дека го разбираат обвинението и дека не се виновни.
Судењето продолжува на 31 август со доказна постапка, односно со сведочење. Први ќе сведочат пратениците Дамјан Манчевски, Илија Николовски, Фросина Ременски и Павле Богоевски, кои беа меѓу повредените во прес-центарот на Собранието при нападот на 27 април лани.
Судијката Кацарска на денешното рочиште закажа 28 нови судења во декември и во јануари 2019, односно по 14 месечно, со што секој втор ден ќе се одржуваат рочишта. До крајот на ноември закажани се 37 рочишта, денеска беше четвртото.
Обвинението почнува со пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димоски, потоа продолжува со ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, колегите началници Мирко Пешов и Душко Лазаров, обезбедувањето на Трајко Вељаноски Горан Ѓошевски-Леви и колегата Оливер Поповски, Мунир Пепиќ од Агенција за разузнавање, Абдуљфета Алими (собраниско обезбедување, кој ги дал клучевите за средната собраниска врата), Елена Доцевска-Божиновска и Иван Цветановски од кабинетот на тогашниот претседавач на Собранието Трајко Вељаноски.
Натаму, за истото дело терористичко загрозување на уставниот поредок, обвинети се и организаторите: Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа, Оливер Радулов од УБК и Сашо Марковски (што ги украле хард-дисковите од собраниските снимки со насилствата), Митре Питроповски и водачите на „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, глумецот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Листата од 33 обвинети продолжува со Игор Југ, кој според обвинителката Вилма Русковска имал задача да го ликвидира Зоран Заев, потоа Јане Ченто, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Илија Славевски, Влатко Трајковски и Вилјам Михајловски.
А. АНТЕВСКА