Пред 30 години, кога бил изграден третиот блок во РЕК „Битола“, многу се внимавало за заштита на животната средина. Доказ за тоа се новинарските написи објавени во „Битолски весник“ од 1988, посветени на пуштањето во погон на Термоелектраната „Битола 3“. Написите и фотографиите од пред три децении деновиве се во изложбата „Од камен темелник до ТЕ-Битола 3“ поставена во Фојаето на Центарот за култура во Битола, во организација на ЕЛЕМ, РЕК и печетаниот хроничар на градот, „Битолски весник“. На овој начин се одбележа 28 август – Денот на рударите и 30 годишниот јубилеј од постоењето на блокот.
Во новинарските текстови од 10 август 1988, пишува дека на планот за заштита од загадување на воздухот, водата и почвата, во РЕК се посветувало големо внимание. Превземени биле најповолни технички решенија на опремата и системите за да се ублажат неповолните влијанија. Пишува дека висината на двата оџаци од по 250 метри не дозволувала и при најнеповолни метеоролошки услови, концентрацијата на сулфурнидиоксиди да ја надмине дозволената граница. Биле вградени и два електрофилтри со многу висок степан на издвојување на пепелта од гасовите. Пепелта се депонирала во специјални џепови на откопаната јаловина кои потоа се затрупувале. За мерење на исфрлрените честици во гасовите била набавена најсовремена компјутерска опремата. Се вршело и деактивирање на хемиската вода од електраните во специјален базен, а се пошумувало сè почесто.
Ваквите стандарди очигледно не се следеле во понатамошните години, по изминатата деценија РЕК од екологистите при разни истражувања беше посочуван како еден од најголемите загадувачи во земјава, пред сè поради испуштање на штетни честички и недоследно почитување на протоколите за одлагање на пепелта.
Минатиот месец, од РЕК изјавија дека на одлагалиштето за пепел ги запазуваат стандардите, па за шест пати се намалени откриени површини со пепел. За годинава најавена е и темелна реконструкција на електростатските филтри кои не се сервисирани уште од 1996. За таа намена за годинава предвидени се 5,5 милиони евра и наредните 2 години уште 15 милиони евра со што ќе се достигнат стандардите на ЕУ. Во тек е и постапката за рекултивизација на подрачјето околу и во РЕК. До октомври се очекува РЕК да добие А интегрирана еколошка дозвола.
Инаку, третиот блок, според написите, бил изграден во рекордно време за 34 месеци, односно за две години и десет месеци. Тоа било за осум месеци пред предвидениот рок, а денес автопатот Кичево-Охрид се гради од 2014, патот од Битола за Ресен се реконструираше повеќе од две години, за да се санира свлечиштето на Пелистер беа потребни четири години.
Дека изградбата на Термоелектраната 3 не била едноставна, покажува тоа што во неа биле вградени 45 илјади тони опрема и конструкција, 62 илјади метри кубни бетон, 300 илјади метри кабел, а биле вклучени над 1.000 работници од цела Македонија. Со проработувањето на овој блок, РЕК бил трет во тогашна Југославија по работа со номинална снага на мрежата. За десет години откако се изградил РЕК во 1978 година, со третиот блок се добило четири пати повеќе електрилчна енергија и тогаш се задоволувале целокупните потреби за струја во Македонија од домашно производство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА