Издвоената постапка за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра од буџетот на МВР, по желба на тогашниот премиер Никола Груевски, почна денес во Основниот суд Скопје 1. Обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата е само тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која според СЈО, го поттикнала началникот Ѓоко Поповски да ја спроведе набавката.
Поповски беше осуден на шест години и 6 месеци затвор за истото дело. Во овој предмет беше осуден и Груевски за примање награда за противзаконито влијание на 2 години затвор. Утре и в петок во Апелациониот суд Скопје ќе се одржи јавна седница во врска со жалбите на Груевски и на Поповски по изречените затворски казна. Кривичното дели на Груевски застарува во октомври.
Денеска, адвокатот на Јанкулоска побара одлагање зашто предметот за „Тенк“ со оригиналните докази и списи е во Апелација. Судијката Добрила Кацарска првин ѝ посака на Јанкулоска да ѝ биде здраво и живо новороденото дете, па објасни:
„Судењето во јавноста познато како ‘Тенк’ ќе почне. Веднаш по издвојувањето на постапката, по моја наредба ископирани се сите материјални докази и списи од предметот кој сега е во Апелациониот суд Скопје по жалба. Овој совет утврди дека фотокопираните докази се идентични со оригиналните, во што впрочем ќе се уверите кога ќе одлучи Апелација и предметот ќе се врати овде во Основниот суд Скопје 1“.
Кацарска за обврските со бебето на Јанкулоска ќе ѝ даде пауза околу 2 часа, иако рече дека според Законот за работни односи ѝ следува час и пол.
С. К. ДЕЛЕВСКА