Зборникот „За и од Киро Глигоров“ беше промовиран во Куќата на Уранија во Охрид, како дел од годинашната научна и уметничка визита на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а по повод одбележување на 25-годишнината од зачленувањето на Македонија во Обединетите нации. Со посебен пиетет кон првиот претседател на Македонија говореа академик Таки Фити, неговиот близок соработник, охриѓанецот Ахил Тунтев и дипломатот Виктор Габер.
Тунтев, како близок соработник на Глигоров, потсети на неговиот визионерски дух за Македонија, заложбите да се промовира во меѓународната сцена, нагласувајќи дека беше мудар политичар кој и денес треба да се препрочитува.
„Претседателот Киро Глигоров прифати компромис за прием на Македонија во ОН, затоа што знаеше дека тоа ќе донесе членство на земјата во Светската банка, ММФ, широко меѓународн опризнавање. Такво лидерство ни треба и ќе бидам слободен да речам дека Глигоров треба да се препрочитува, сѐ она што тој го има кажано за најважните, за суштествените прашања на животот и развојот на Македонија. Уште повеќе, кај него можат да се најдат одговори на многу битни прашања за иднината и просперитетот на земјата”, кажа Тунтев на промоцијата.
Дипломатот Габер зборуваше за премрежијата низ кои помина Македонија за обезбедување на меѓународно-правен елгитимитет.
„За бескрвното осамостојување на Македонија огромен влог беше во вешто изведената надворешна политика на македонското раководство на чие чело девет години неприкосновено стоеше Глигоров. Токму тој со своето државничко искуство го носеше товарот на сознанието за немилосрдноста на геополитиката кон оние што немаат моќ“, рече Габер.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити рече дека Глигоров учествувал во креирањето на клучните економски реформи на некогашна Југославија, а се потсети и на неговите средби со Глигоров кога бил млад магистер по економски науки, како и за неговата трема при средбата со првиот претседател на Македонија.
„Трудовите на Глигоров беа високо вреднувани кај научната фела, објавувани во најпрестижните економски списанија на поранешната Југославија, како теоретичар кој одлично ги познавал економските текови, уште повеќе како доследен почитувач на неколку константи- правилен однос кон пазарните економски законитости, внесување економски поттици во стопанскиот систем, изнаоѓање оптимален однос меѓу дејствувањето на пазарните законитости и улогата навласта во корекцијата на неуспесите на развојните планов“, рече академик Фити.
Д. ЧУБРИЌ