Зоран Заев го повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на кампањата за европска Македонија, која денеска беше промовирана, во пресрет на референдумот за прифаќање на договорот со Грција, што ќе се одржи на 30 септември.
Тој кажа дека над 100 субјекти се здружија во оваа коалиција и дека бројката ќе расте, споредувајќи го претстојниот референдум со гласање за втора независност на Македонија.
„Критикувајте нè за договорот со Грција, но не ја пропуштајте оваа шанса. Знам дека и ВМРО-ДПМНЕ е за европска Македонија и затоа ја повикувам да ни се приклучи на тој пат. Изградивме силна коалиција со учество на над сто субјекти од сите сфери на општеството, кои ги прифаќаат промената и надежта, кои веруваат во иднината на Македонија“, изјави Заев.
Тој додаде дека граѓаните многу брзо ќе ги почувствуваат придобивките од членството на Македонија во Европската Унија и НАТО.
„Денеска почнуваме кампања за информирање на граѓаните за придобивките од членството во Европска Унија и НАТО. Договорот со Грција е договор за иднината на Македонија. Овие придобивки многу брзо ќе ги почувствува секое семејство, бидејќи веќе во 2019 година во земјата ќе влезат 50 милиони евра за земјоделство, образование и иновации. Секој ден ќе се одвојуваат по 260.000 евра за проекти од важност за Македонија и таа сума потоа само ќе се зголемува. Моравме да направиме компромиси. Болно е и јас го чувствувам тоа, но во секој компромис лежи напредок, Ние ја ставаме Македонија на јасен пат и нашите деца ќе ни бидат благодарни што ги ставивме во прв план. И затоа, да ја зграпчиме оваа шанса“, додаде Заев.
Г.КОНЕВ