ФРАНЦУСКИОТ ВОЈНИК ВАЛЕНТИН СО ПРИБОР ЗА ЦРТАЊЕ ВОЈУВАЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

    ФРАНЦУСКИОТ ВОЈНИК ВАЛЕНТИН СО ПРИБОР ЗА ЦРТАЊЕ ВОЈУВАЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНАФранцускиот војник Етјен Андре Валентин (1893-1940) (лево) во 1917 бил испратен како член на артилериски полк да војува во областа на Мариово, а син му ќе ги открие неговите цртежи 22 по смртта (Фото: СДК.МК)

    „Уметникот од Фронтот“, така го нарекувале францускиот војник Етјен Андре Валентин (1893-1940), кој на Македонскиот фронт пристигнал со хартија и молив в раце. Иако имал уметничка душа, во 1917 бил испратен како член на артилериски полк да војува во областа на Мариово. Бил голем вљубеник во уметноста, па ни војната не му го одзела еланот да твори. Во моменти кога не му летале куршуми над главата, во затишјето меѓу битките, тој со молив, понекогаш и со импровизирани бои врз хартија оставал траен белег за Првата светска војна.

    Според истражувањата, војникот Валентин насликал 130 цртежи и скици (Фото: СДК.МК)

    За неговата необична животна приказна Македонското научно друштво Битола и АЛДА-Скопје го снимија документарниот филм „Уметникот од Фронтот – Валентин“ чија премиера е на 3 септември во 19 часот во Малата сала на Центарот за култура во Битола. Сценариото е на Силвана Петрова Насух, во режија на Миле Гроздановски, а го изработи Креатив продукција од Битола. Ова е проект во рамките на програмата за соработка помеѓу Регионот Нормандија – Република Франција и Република Македонија.

    Според истражувањата, војникот насликал 130 цртежи и скици. Овие навидум едноставни уметнички творби, изобилуваат со многу детали кои го откриват изгледот на војниците во тоа време, униформите, потеклото, но содржат и вредни информации за животот на цивилите.

    „Тој не ги скицирал само војниците туку и цивилното население кое живеело тука. За нас е значајно зашто има добри скици од Битола и околината, селата Брод, Мегленци, македонски носиите, цркви. Некои се црно бели, а некои во боја. Се случувало талентирани војници да носат и прбор за цртање“, вели Иљо Трајковски, професор по историја во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола кој учествуваше во распретувањето на животната приказна за војникот.

    Документарниот филм „Уметникот од Фронтот- Валентин“ ќе има премиера на 3 септември во 19 часот во Малата сала на Центарот за култура во Битола; – Фотографија од Македонскиот фронт во Првата светска војна

    Од цртежите објавени се и брошури, а во нив вниманието го привлекуваат цртежи на жени со народна носија и мажи со гајди на кои запишал дека се Македонци. Во една од брошурите дел од цртежите се наречени „брада“, воен жаргон кој значи натоварено магаре. Ги отсликува војниците кои натоварени со муниција и друга опрема морале да пешачат понекогаш со часови носејќи го товарот во многу тешки услови.

    Друга категорија се војници наречени домородци, дојдени од колониите на Франција. Тоа се црнци вклучувани во пешадија, според цртежите со обетки на ушите, а по потекло од претежно од Сенегал. Зачувани се скици од непријателски војници, претежно германски.

    Фотографија од Македонскиот фронт

    Цртежите на Валентин денес се семејно наследство на неговата внука од брат Нели и нејзиниот сопруг Жерар Гијар од Нормандија, Франција.

    „Откако се врати во Франција во 1919, за време на демобилизацијата повеќе не ги споменуваше цртежите. Тетратките и цртежите ги завитка во хартија од весник, па во картонска кутија. Неговиот син ќе ги открие овие вредни архиви во 1962, 22 години по смртта на татко му“, раскажуваат роднините на војникот.

    Валентин успеал да извлече жива глава од крвавиот конфликт, но тој трајно го загрозил неговото здравје и се разболел од туберкулоза. Покрај кошмарите што ги имал, од кои дел насликал и на цртежите, на фронтот се разболел од туберкулоза и починал на 47 години во 1940 во Рен, Бретања.

    Девет цртежи од уметникот се чуваа на Француските гробишта во Битола, но за жал, иако неговата животна приказна е поврзана со битолскиот дел на Мариово, неговите творби се пренесени на Француските гробишта во Скопје.

    Историчарот Трајковски вели дека во соработка со колеги од Франција на пат се да расветлат уште една животна приказна на војник од Франција кој исто така цртал меѓу битките.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира