ВИКТОРИЈА РАНГЕЛОВА НОВА ДИРЕКТОРКА НА ДРАМСКИ, НАТАША ПОПОВИЌ НА ОХРИДСКО ЛЕТО И ТОДОРЧЕ ТАСЕВСКИ НА СВП

    ВИКТОРИЈА РАНГЕЛОВА НОВА ДИРЕКТОРКА НА ДРАМСКИ, НАТАША ПОПОВИЌ НА ОХРИДСКО ЛЕТО И ТОДОРЧЕ ТАСЕВСКИ НА СВПНовиот директор на Струшки вечери на поезијата Тодорче Тасевски со годинашниот добитник на Златниот венец, полскиот поет Адам Загајевски (Фото: Фејсбук)

    Драмски театар и Фестивалот Охридско лето добија нови директорки, драматургот Викторија Рангелова-Петровска и Наташа Поповиќ, кои доаѓаат на местата на досегашните в.д. директори Сашо Тасевски и Сузана Вренцовска. Шефот на кабинет на ексминистерот за култура Роберт Алаѓозовски, Тодорче Тасевски, е нов директор на Струшките вечери на поезијата.

    Министерот за култура Асаф Адеми денес ги објави имињата на директорите на 22 институции од културата.

    Досегашните в.д. директори на Македонскиот народен театар (МНТ) Симона Угриновска и на Македонската филхармонија, Виктор Илиески се назначени за директори.

    Мартин Вучиќ е нов директор на националниот ансамбл за песни и ора „Танец“, а Спасе Перовски на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби. Тие доаѓаат на местата на Стојанчо Павловски, Мите Стефоски и на Мишко Тутковски.

    Сашо Тасевски, денес пред да бидат официјално соопштени имињата на новите директори, испрати соопштение до медиумите во кое меѓу другото стои:

    „Заминувам од кормилото на Драмски со убави спомени и крената глава. Го презедов кога беше во лоша кондиција, со празна сала и лоши претстави на репертоарот. По моето доаѓање, во наредните осум месеци, продажбата на билети скокна за речиси 100 проценти. И за тоа има документ. Се направија претстави кои полнеа сали и се зборуваше за нив во суперлативи. Нешто што претходно му се немаше случено на театарот со години. Постојат и документи кои велат дека секоја пара што влегла во Драмски е чиста како солза. Факт: Драмски нема долгови. Подобро нека ја кажат вистината. Сашо, ни пречеше од првиот ден кога те назначија за директор, зашто не си во нашата секта која мисли дека треба да добие сè. Тоа се тие борци за правда и квалитет, кои самите добиваат многу привилегии зашто нивни блиски се блиски со некои во власта. Толку“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира