ПЕЛАГОНИСКОТО СЕЛО БАЧ ПО 13 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЕ АМБУЛАНТА, ОГРОМЕН Е ДЕФИЦИТОТ НА ЛЕКАРИ ВО СЕЛАТА

    ПЕЛАГОНИСКОТО СЕЛО БАЧ ПО 13 ГОДИНИ ЌЕ ДОБИЕ АМБУЛАНТА, ОГРОМЕН Е ДЕФИЦИТОТ НА ЛЕКАРИ ВО СЕЛАТАМинистерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на Општина Новаци најавија амбулантата е подготвена, а жителите на селата ќе имаат медицински тим кој ќе ги опслужува еден или повеќе денови во неделата во зависност од потребите на месното население (Фото: СДК.МК)

    Пелагониското село Бач, заедно со околните села кои бројат 600 жители, најдоцна за две недели ќе добијат амбуланта по пауза од 13 години. Од Општина Новаци на чија територија се води Бач, соопштија дека амбулантата е подготвена, а жителите на селата ќе имаат медицински тим кој ќе ги опслужува еден или повеќе денови во неделата во зависност од потребите на месното население.

    „За две недели ќе биде отворена амбулантата, инфраструктурата веќе е подготвена. Последен пат доктор во општината Бач имаше во 2005 година, кога таа како Општина згасна и беше приклучена кон Општина Новаци и оттогаш тие шест населени места со околу 600 жители немаат доктор. Сега ќе има амбуланта, доктор и медицинска сестра. Дали тоа ќе биде ден, два или три неделно, зависи од потребите на месното население“, рече градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски.

    Министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера ја посети Општина Новаци, изјави дека состојбите во амбулантите посебно во руралните средини е лоша зашто има дефицит на медицински кадар.

    „Недостасуваат огромен број на лекари и медицински сестри. Токму за време на посетата на амбулантата во Новаци разговаравме како да направиме стратегија населението да не остане брз здравствена заштита, зашто ситуацијата може да биде дополнително полоша во периодот кој следува оти голем број доктори дополнително ќе заминуваат во пензија“, рече Филипче.

    Тој додаде дека разговарале за создавање на мобилни медицински тимови кои ќе одат во селските амбуланти што во моментот се празни и на тој начин ќе даваат здравствена заштита на населението кое што таму живее.

    „Тој модел би се надополнил и со моделот на мобилна аптека и на тој начин жителите и пациентите во сите рурални средини кои во овој момент немаат на располагање ни доктор ни сестра, неколку пати во неделата ќе бидат посетени“, рече Филипче.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира