ВЛАДАТА МУ СЕ ИЗВИНИ НА КУРЦ ЗА ПОГРЕШНОТО ЗНАМЕ

    ВЛАДАТА МУ СЕ ИЗВИНИ НА КУРЦ ЗА ПОГРЕШНОТО ЗНАМЕАвстрискиот канцелар Себастијан Курц, кој денеска е во официјална посета на Република Македонија, беше пречекан со погрешно знаме на официјалната церемонија на дочекот пред Владата, каде со премиерот Зоран Заев минаа пред построената гарда. Место австриско, на јарболот до Курц имаше латвиско знаме. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата му се извини на австрискиот канцелар Себастијан Курц за погрешното знаме за време на официјалната церемонија на дочекот пред владината зграда утринава. Место со австриско знаме, Курц беше пречекан со латвиско знаме, за што од Владата велат дека станува збор за ненамерен протоколарен пропуст до кој што дошло „поради големата сличност во димензиите и колоритот на знамињата на Австрија и Латвија.

    „Владата на Република Македонија упатува извинување до Република Австрија за ненамерниот протоколарен пропуст при посетата на Сојузниот Канцелар Себастијан Курц во Република Македонија. Пропустот е направен од страна на службите за протокол на Владата на Република Македонија и на Министерството за надворешни работи“, соопштија од Владата.

    Грешката први ја забележаа австриските новинари кои ја следат посетата на Курц, а потоа веста за грешката се пренесе и до владиниот протокол. Внатре во Владата, каде што се одржа заедничката прес-конференција на премиерот Зоран Заев и Курц, беше поставено точното знаме – австриското.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира