Сместена помеѓу кристално синото море и зелените борови, на Аквафреда, еден од последните неуништени заливи во Шпанија ѝ се заканува градежен бум. Голем број градежни проекти беа стопирани за време на економската криза во 2008 година во Шпанија, од Каталонија до Балеарските Острови, но сега се рестартираат откако има економски раст. Тоа ги зголеми стравовите кај активистите за заштита на животната средина за нова, како што ја нарекуваат, градежна треска по должината на веќе преполното крајбрежје.
Според групата „СОС Коста Брава“, на Коста Брава, на отприлика 160 километри оддалеченост од северо-источна Каталонија, веќе се работи на околу 20 проекти. Меѓу нив е комплекс со 260 станови во Аквафреда, кој поради бирократски пречки и економската криза беше заглавен 15 години, а кој беше рестартиран неодамна од нови сопственици. Во општината Бегур, има само неколку куќи меѓу боровите шуми.
„Останаа уште само неколку места како ова, во зеленило и со малку куќи. Нѐ преплашува идејата дека ќе ги изгубиме и нив“, вели Естел Румбау од групата „Спас за Аквафреда“.
Општината вели дека е невозможно да го стопира проектот, бидејќи местото каде ќе се гради веќе е означено како станбено. Ескпропријацијата ќе чини од 50 до 70 милиони евра, пари кои Општината ги нема.
„Би сакал да не се градат куќи, но нашите раце се врзани. Ќе се потрудиме да бидат што е можно помалку“, изјави градоначалникот на Бегур, Хуан Манел Лоуеиро, ветувајќи дека нема да се изградат повеќе од 100 куќи.
На другата страна од ридот кој гледа кон Аквафреда ќе се изградат 26 луксузни апартмани, со прекрасен поглед кон островите Медес, кои се заштитено подрачје. Околу 60 апартмани се планирани на соседниот залив Са Риера, а пак во пристаништето на Кадакес во близина на Коста Брава, каде живеел Салвадор Дали, ќе се гради хотел и 100 куќи во близина на парк.
Жителите на Бегур се жалат дека областа е веќе пренатрупана во летно време, со голема фреквенција на коли по малите улици. Во Бегур живеат 4.000 граѓани, а за време на летните месеци бројката нат туристи достигнува до 20 илјади.
„Луѓето ќе купат куќа и нема да можат да одат на плажа, бидејќи нема место. Ќе купат брод, нема каде да го закотват. Нема да можат да седнат на пијачка во градот бидејќи ќе нема паркинг места. Овде веќе нема место за ништо“, вели Мигел Коладо од Бигур.