ЗАЕВ И ЏАФЕРИ ГИ ПОВИКАА СИТЕ ГРАЃАНИ ДА ГЛАСААТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ НА МАРШОТ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА

    ЗАЕВ И ЏАФЕРИ ГИ ПОВИКАА СИТЕ ГРАЃАНИ ДА ГЛАСААТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ НА МАРШОТ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА„Ова е одговорност на нашата генерација и од нас зависи иднината на Македонија и на нашите деца“, рече Заев. (Фото: К. Попов)

    Со интонирање на државната химна, а потоа и „Ода на радоста“, химната на ЕУ, пред седиштето на Унијата во Скопје, почна собирот на илјадници граѓани, дојдени за поддршка на Договорот со Грција за влез во ЕУ и НАТО.

    Прв зборуваше осудениот и претходно притворен новинар Томислав Кежаровски, кој повика на слободен говор и на слободно новинарство како гаранција за постоење на критичка јавност, да ја коригира власта.

    На собирот дојдоа претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев со вицепремиерите, пратеници од мнозинството. (Фото: К. Попов)

    На видеобим беа пуштени 20-тина снимки од изјави и ветувања од претседателот Ѓорге Иванов, од поранешниот премиер Никола Груевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека до каков и да се дојде договор со Грција, граѓаните задолжително ќе се изјаснат за него на референдум.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери на македонски и на албански во неколку поенти кажа зошто треба да се гласа за Договорот со Грција и зошто ни е местото во евроатлантските сојузи. Немојте да бидете запаметени како заложници на интересите на мала група луѓе, им рече Џафери на оние кои се колебаат за референдумот.

    „Ве повикувам да славиме заедно на 30 септември“, рече тој, по што дел од толпата го скандираше неговото име.

    На крајот излезе премиерот Зоран Заев.

    „Ова е одговорност на нашата генерација и од нас зависи иднината на Македонија и на нашите деца“, рече тој, повикувајќи ја повторно опозицијата и сите граѓани да излезат на гласање на 30 септември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира