Лекарите во болницата во Берлин кои го лекуваат Пјотр Верзилов, членот на руската активистичка група „Пуси рајот“, објавија дека се големи шансите дека бил отруен.
Гласниот критичар на Кремљ, во саботата со директен лет беше донесен во Берлин во придружба на специјален медицински тим, откако беа објавени сомнежи дека бил отруен во Москва. На Верзилов му се слоши откако јадел после сослушување во судот минатиот вторник и во тешка состојба беше однесен во болница.
„Со оглед на брзиот развој на симптомите, како што се оштетувања на неговиот вид, говор и движење, не се потребни други објаснувања“, рече директорот на Управата на болнициата „Чарите“, Карл Макс Ајнхеупл на прес-конференција.
Верзилов и останатите членови на „Пуси рајот“ добија 15 дена притвор, откако кои заради протест истрчаа на теренот на годинашното финале на Светското првенство во фудбал во Москва на мечот меѓу Франција и Хрватска.
Докторите рекоа дека Верзилов не е во животозагрозувачка состојба, но одбија да шпекулираат од која супстанца бил отруен.
„Верзилов ќе беше во тешка состојба доколку не добиеше брза медицинска грижа во Русија. Докторите во Москва му го испумпале стомакот и го ставиле на дијализа“, рече Ајнхеупл.
Неговата партнерка Надежда Толоконикова, претходно изјави оти верува дека му била подметната отровна супстанца.
„Претпоставувам дека беше намерно отруен и дека тоа беше намера да го заплашат, или пак обид да го убијат“, изјави Толоконикова за германскиот весник „Билд“.