Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврди дека се оомничени осум лица од кои шест универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс, по вчерашниот упад со полиција во универзитетскиот комплекс на Св. Кирил и Методиј.
Во соопштението на Обвинителството се вели дека „лицата се осомничени за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомневање дека дел од професорите барале и извршување сексуални услуги заради полагање испит“.
Во врска со вчерашната акција на полицијата на Економскиот факултет во Скопје Обвинителството информира дека еден од професорите бил затечен инфлагранти во извршување кривично дело – примање поткуп од 1.000 евра, додека за другите биле обезбедени докази во изминатиот период.
„Во моментот предметот е во преткривична постапка. Надлежниот јавен обвинител ја прима кривичната пријава и врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување на присуство на лица и на предмети во текот на постапката, по што ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана“, појаснуваат од Основното јавно обвинителство.
Од Обвинителството велат дека „по повеќемесечна оперативна обработка на податоци, прибра докази до степен на основано сомневање за сторени кривични дела со коруптивна природа, каде оштетени се студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. “