Носејќи транспаренти со натпис „Стоп-сакам да поминам“ и фосфорни елечиња, ученици од oсновното училиште „Елпида Караманди“ во Битола денеска на пладне излегоа симболично да ја преминат една од најфреквентните улици во градот, „Васко Карангелевски“.
Улицата е со четири ленти, а на пешачкиот премин, што се минува за да се стигне до училиштето, Домот за доенчиња и до Дневниот центар за лица со попреченост, нема семафор. Регионалното географско друштво „Геосфера-Битола“, во соработка со Републичкиот и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и со други граѓански здруженија, во рамките на Европската недела на мобилност иницираа до Општина Битола и до СВР постапка за поставување семафори на повик. Според СВР Битола, во периодот од 2003 до 2015 година токму на оваа улица биле повредени 38 пешаци, од кои најголем број се деца.
„Јас бев во една ситуација на пешачки премин да не се испочитува моето право, што останува тогаш за нашите деца, кои во голем дел доаѓаат во училиштето и секојдневно ја минуваат улицата. Колку е можно побрзо да се реши преминот кај ‘Васко Карангелевски’ и на други фреквентни улици, каде ни пешачкиот премин не е безбедно место за пешакот“, рече наставничката Гордана Угриновска.
Во истражувањето што „Геосфера-Битола“ го спроведе кај 770 битолчани, дури 75 проценти сметаат дека поминувањето на оваа улица е крајно небезбедно за учениците.
„57 проценти од анкетираните како главна причина за небезбедност на пешаците ги посочуваат несовесните возачи. Дури 86 проценти сметаат дека со поставување семафор на повик, во значителна мера ќе се подобри безбедноста на пешаците. Очекуваме стручните лица да дадат придонес во изработката на елаборат за предложеното сообраќајно решение“, рече Мите Ристов од „Геосфера-Битола“.
Градоначалничката Наташа Петровска вели дека во локалната самоуправа веќе го имале детектирано и дискутирано овој проблем.
„Едно од решенијата би можело да биде поставување семафори, меѓутоа оставивме на стручни лица со детаљна анализа да дојдат до вистинското решение“, рече Петровска.
Таа не можеше да прецизира рокови кога ќе се направи тоа, зашто во тек е собирање на сите информации.
Како други ризични точки се посочуваат пешачките премини кај хотелот „Епинал“, кај Стаклената зграда, на улицата „Партизанска“ и пред други училишта. Во Битола сега нема семафори на повик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА